Далас маверикс го загуби и вториот натпревар во кој заедно на паркетот беа двете најголеми ѕвезди, Дончиќ и ново дојдениот Ирвинг, откако доживеа пораз на домашен терен против Минесота тимбервулфс (121-124).
Двајцата заедно постигнаа повеќе од половина од поените на „телињата“; но во последниот напад за изедначување најдобро се виде нивната невоиграност, со оглед што буквално не знаеја што да направат. Лидерите на Далас претераа во додавањата помеѓу себе, никој од нив двајца не сакаше да ја преземе одговорноста да шутира за тројка, па шансата за продолжение отиде во неврат. Ирвинг постигна 36 поени, а Дончиќ 33 со 12 скока, додека Едвардс со 32 поени беше најпрецизен кај „волците“.
Неверојатниот Никола Јокиќ, со уште една одлична партија го направи Денвер нагетс прв тим во НБА кој стигнал до 40 победи. Тимот од Колорадо триумфира на гостување кај Мајами хит (112-108), во меч во кој Србинот реализира 27 поени со 12 скока, додека Батлер со 24 поени, 10 скока и девет асистенции беше најдобар кај „жешките“.
Демиен Лилард со 40 поени од кои 30 во првото полувреме, беше најзаслужен за триумфот на Портланд трејлблејзерс против ЛА Лејкерс (127-115). Ова беше четврти пораз во последните пет меча за „езерџиите“, кои се сѐ подалеку од пласманот во плејофот. Кливленд кавалирс останува најжежок тим во НБА, откако во дуелот против Сан Антонио спарс (117-109) дојде до седмата победа по ред.
РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Атланта 144-138, Кливленд – Сан Антонио 117-109, Индијана – Јута 117-123, Филаделфија – Хјустон 123-104, Мајами – Денвер 108-112, Њујорк – Бруклин 124-106, Чикаго – Орландо 91-100, Оклахома – Њу Орлеанс 100-103, Далас – Минесота 121-124, Голден Стејт – Вашингтон 135-126, Портланд – ЛА Лејкерс 127-115.