Два спектакуларни дуели во Лигата на шампиони, вечерва се играат меѓу Милан и Тотенхем, како и меѓу ПСЖ и Баерн Минхен.

Најинтересен дуел во оваа фаза од елитното натпреварување се очекува меѓу парижаните и баварците, кои ќе се судрат на „Паркот на принцовите“. Баерн е во серија од 19 натпревари без пораз во сите натпреварувања, а последниот неуспех го доживеа на 17 септември 2022 година против Аугсбург во Бундеслигата.

ПСЖ, од друга страна, игра лошо оваа година и има три порази, едно реми и три победи, а главоболка за тренерот Галтие е и тоа дали Лионел Меси ќе може да настапи вечерва поради повреда на тетивата на средбата против Монако.

Добра вест за парижаните е тоа што се враќа Килијан Мбапе, кој ги пропушти последните три натпревари, па се очекува вечерва да биде главен адут на францускиот првак.

Тотенхем гостува во Милано, по поразот од Лестер сити, па во моментов не е најдобра атмосферата во англискиот гигант, иако и Милан не е во добра форма, на последните осум натпревари има само една победа.

Милан ќе игра без Исмаел Бенасер, а не се знае дали ќе настапат Томори и Флоренци, додека гостите од Лондон не може да сметаат на Бетанкур, Лорис, Бисума и Сесењон.

Двата натпревари се играат од 21.00 часот.