Ол-стар викендот во Солт Лејк Сити во Јута и официјално започна со мечевите на НБА ѕвездите во развој кои ја играат првата или втората сезона, како и оние кои се дел од развојната Џи лига.
Четирите тима беа поделени на некогашните НБА играчи Пау Гасол, Јоаким Ноа, Џејсон Тери и Дерон Вилијамс. Во првото полуфинале, тимот на Пау славеше над екипата на Дерон со 40:25, во меч на кој доминираше играчот на Њу Орлеанс, Жозе Алварадо со 13 поени.
Во второто полуфинале, тимот на Јоаким Ноа беше подобар од тимот на Џејсон со 40:32, а најдобар на теренот беше Квентин Гримес.
Финалето се играше кој прв ќе стигне до 25 поени, а повторно на теренот доминираше Алварадо од екипата на Пау. При резултат 22:20, Алварадо постигна тројка и донесе победа на својот тим, а за себе го осигура трофејот наменет за МВП на овој дел од Ол-стар викендот.
Според распоредот на Ол-стар викендот, вечерва на програмата е Skill challange”, потоа натпреварот во шутирање на тројки, а на крајот е натпреварот за најдобро забивање.
Еден ден подоцна, односно ноќта од недела кон понеделник е и главното шоу, а тоа е Ол-стар мечот меѓу екипите на Леброн Џејмс и тимот на Јанис Адетокумбо.