Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски постигна гол за АЕК Ларнака, но лидерот во кипарскиот шампионат, загуби во „македонското дерби“. Поранешниот селектор Чедомир Јавевски со екс-младинскиот репрезентативец Давор Здравковски како стартер славеа попладнево победа за АЕЛ Лимасол со 2-1.
Трите гола паднаа во првиот дел, а АЕЛ за нешто повеќе од пола час даде два гола, прво преку Бераињо во 11-та, па Качаниклиќ во 35-та, по што Тричковски погоди од пенал на три минути пред крајот на првиот дел. Но АЕК не успеа во второто полувреме барем да се избори за бод и врза два меча без триумф, па сега е на само два бода пред АПОЕЛ со меч повеќе од најтрофејниот клуб во трката за круната.
За Јаневски ова беше десетти триумф откако во август го презема кормилото на АЕЛ кога имаше само еден бод на контото од четири меча, па со 34 бода е осмопласиран, еден помалку од седмата Омонија, а три зад шестата Неа Саламис.
АЕЛ токму со Неа Саламис на 2 март има дерби, но уште и два тешки меча со Анортозис и Аполон до крајот на првиот дел од сезоната.