Ливерпул и Реал Мадрид ќе играат вечерва на „Енфилд“ во нова пресметка во ЛШ, сега е тоа дуел од првата фаза од елиминациите во елитното европско натпреварување.
„Црвените“ завршија на второто место во групата А, каде како лидер беше Наполи, поради подобрата гол-разлика.
Европскиот и светски клупски шампион Реал Мадрид ја освои групата Ф, во која беа уште Селтик, Шахтјор Доњецк и Лајпциг.
Ливерпул и Реал последен пат се сретнаа во финалето на ЛШ во мај, кога англискиот тим доминираше во голем дел од натпреварот, но „кралскиот клуб“ на крајот победи со 1-0 благодарение на голот на Винисиус Жуниор.
Тимот на Јирген Клоп испаднал во оваа фаза од Лигата на шампионите само еднаш во последните пет години, а тоа се случи во сезоната 2019/20 кога „црвените“ беа исфрлени од другиот мадридски гигант, Атлетико Мадрид.
Реал Мадрид веќе заостанува осум бода зад Барселона во битката за титулата во Ла Лига, а имаат и кадровски проблеми. Сепак, Реал постојано покажуваше дека какви и да има проблеми, никогаш не може да бидат отпишани во ЛШ. Доказ за тоа беа пресметките со ПСЖ и со Манчестер Сити на патот до финалето минатата сезона.
Во саботата, Реал Мадрид ја победи Осасуна со 2-0, што беше четврта победа по ред во сите натпреварувања.
Ливерпул е без победа во последните шест натпревари со Реал, што е нивна најлоша серија против овој противник во Лигата на шампионите. Сепак, „кралевите“ имаат само еден успех во претходните седум гостувања во Англија.
Луис Дијаз, Ибрахима Конате, Тијаго Алкантара и Калвин Ремзи се уште се опоравуваат од повредите во тимот на Ливерпул. Сепак, Диого Жота, Роберто Фирмино и Вирџил ван Дајк се вратија во тимот.
Дарвин Нуњез заработи повреда на рамото за време на пресметката со Њукасл, но Јирген Клоп на својата прес-конференција најави дека има шанси Уругваецот да игра доколку нема премногу болки.
Реал Мадрид е без играчите од средниот ред Тони Крос и Аурелиен Чуамени. Добрата вест за Карло Анчелоти е што сепак капитенот Карим Бензема влезе во составот за патувањето на „Енфилд“. Тибо Куртоа веќе се опорави од повредата и настапи на мечот со Осасуна. Повредени се и Ферлан Менди и Маријано Дијаз.