Фудбалерите на Ливерпул и Реал приредија вистински спектакл во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите.

Седум гола и историска победа за Реал кој успеа од 0:2 да направи неверојатни 5:2 и така практично да го реши дуелот!

Ливерпул никогаш не примил толку голови во елитното натпреварување на својот стадион, но тоа се случи вечерва.

Останува Реал да го потврди своето место меѓу осумте на 15 март на реваншот во Мадрид, но доколку биде вака ефикасен, нема да има проблеми.

Како што неодамна на дуелот од Лига Европа помеѓу Барселона и Манчестер Јунајтед, така и сега во новиот судир на англискиот и шпанскиот гигант добивме – колосален фудбал.

Повторување на минатогодишното финале, дуел на две екипи кои освоија вкупно 20 титули на континенталниот шампионат и беше јасно дека таков меч не може да ги разочара ниту најнеутралните поддржувачи на играта.

Ливерпул тргна во свој стил, висок пресинг, огнен, бесен и веќе во четвртата минута Салах го проигра Дарвин Нуњез, кој ефектно ја испрати топката во мрежата на Реал за 1:0!

Салах имаше шанса во 12. минута, беше за малку непрецизен, но две минути подоцна неговата упорност вроди со плод.

Тибо Куртоа направи дебитантска грешка, едноставно му ја даде топката на Салах кој го нападна и Египќанецот и го претвори подарокот во водство од 2:0.
Тогаш се чинеше дека Реал е на амбисот, Шпанците навистина изгледаа како грогирани боксери, но тоа беше краткотрајно.

Се играше 21. минута кога Винисиус Јуниор најде простор за удар од левата страна и погоди за 2:1.

Имаше наизменични бранови на напади од двете страни, Ливерпул можеше да постигне уште еден гол во 25. минута кога Милитао ја исфрли топката од гол линијата, потоа Винисиус во 31. минута, а Валверде се обиде со удар една минута подоцна и го тестираше Алисон.

Упорноста на гостите вроди со плод во 36. минута и повторно на дело видовме нереален кикс на голманот, кој се чини дека е некако редовмост на натпреварите меѓу двата тима.

Сега виновник беше Алисон Бекер, кој го погоди Винисиус  и топката се одби во мрежата на Ливерпул, 2:2.

Доколку Робертсон не го спречеше најлошото со лизгачки старт во првата минута од судиското надополнување, Реал можеше целосно да го сврти резултатот, но на овој меч нешто требаше да се остави за второто полувреме.

И само што почна, во 47. минута Модриќ изведе слободен удар , го погоди Едер Милитао во глава за 2:3!

Тоа што му се случи на Ливерпул по два гола предност е тешко да се објасни. Можеби најдобро е да се каже, им се случи Реал Мадрид.

Кралскиот клуб додаде гас, го зголеми ритамот и по 55 минути го постигна четвртиот гол.

Карим Бензема шутираше, топката го зафати Џо Гомез и заврши во мрежата, но голот сепак му се припишува на францускиот напаѓач.

Тоа не беше се од Карим, тој во 67. минута го претвори во гол уште еден одличен напад на Реал.

Винисиус го проигра, па со одличен финиш по еден итар „фејк“ рутински од десетина метри ја испрати топката во мрежата за големи 2:5!

ЛИВЕРПУЛ: Алисон, Александар-Арнолд, Гомез (од 73. Матип), Ван Дијк, Робертсон, Хендерсон (од 73. Милнер), Фабињо, Бајчетиќ (од 85. Елиот), Салах, Гакпо (од 64. Фирмино), Нуњез (од 64. Жота)

РЕАЛ МАДРИД: Куртоа, Карвахал, Милитао, Ридигер, Алаба (од 27. Начо), Валверде, Камавинга, Модриќ, Родриго (од 81. Себаљос), Бензема (од 87. Асенсио), Винисиус

https://www.dailymotion.com/video/x8ii8mw