Вашингтон стејт синоќа славеше над Вашингтон хаскис со 93-84, како гостин, а Јакимовски, како и останатите четири стартери имаше двоцифрен број поени, 12. Меѓутоа, 21-годишното ниско крило на тоа додаде и 17 скока, за да запише дабл-дабл, со три тројки и три од четири од линијата за слободни фрлања.
Со победата, Вашинтон стејт дојде до ефект 16-15, со што ја заврши сезоната во својата Пацифик-12 конференција. Во моментов го држи седмото место, веднаш над синоќешниот ривал, но потребно е и останатите тимови да го доиграат последниот преостанат меч за да се кристализира конечната табела.
Потоа следува конференцискиот турнир, во кој првите четири од табелата одат директно во четврт-финале, а екипите од 5. до 12. место вкрстуваат. Со оглед на тоа дека Вашингтон стејт влезе во одлична форма во финишот на сезоната, со серија од шест победи, има добри шанси да стигне високо во конечниот пласман во својата конференција.
Само шампионот ќе има загарантирано место во популарниот турнир „Марч меднес“ (мартовско лудило), на кој учествуваат 68 екипи, односно прваците на 32-те дивизии и уште 36 тима селектирани од комисија. „Марч меднес“ годинава почнува на 14 март.