Во рамките од 9 коло од машката ракометна Суперлига , дербито се одигра во Автокоманда каде домаќинот Металург го пречека Еурофарм Пелистер . Гостите од Битола иако беа фаворити на овој меч , сепак неочеквано лесно и убедливо стигнаа до победата од 25:38 , а тимот на Металрг беше достоен ривал само во првите десет минти кога резултат беше 5:6 .
До крајот на првиот дел разликата скокна до десет гола, а на полувреме беше 21:11. Во овој период голманот од Унгарија, Мартон Секељ бранеше одлично и успеа да запре многу од нападите на Металург така што беше еден од виновниците за создавањето на предноста.
Во продолжение немаше ништо ново. Металург беше далеку од можност да дојде до подобар резултат, па се играше доволно за да се задржи разликата и да се финишира овој дуел на кој беше јасно дека гостите имаат повеќе од играта.
Постојаното водство со двоцифрена разлика остана до крајот, а со 38:25 беа освоени уште три бода и на тој начин беше одржан чекорот со Вардар. Најефикасен на натпреварот беше Халил Озтурк од Металург со 9 гола , а во тимот на Пелистер Маџовски , Маркоски и Божиќ Павлетиќ постигнаа по 5 гола .
Екипата на Пролет на домашен терен во драматичен натпревар го совлада Охрид сo 25:24 . Првото полувреме беше израмнето и на одмор се замина со резултат 11:11 .
Вториот дел започна исто како што заврши првиот, но како одминуваше времето така Пролет започна да ја презема контролата на мечот и за првпат на петнаесетина минути до крајот стигна до плус три, 20-17.
Беше и 21-18, а Охрид намали на 21-19. Имаа гостите и шанса за минус еден, но погрешија во нападот, а истото го сторија и домаќините. Црногорскиот двоец кај охриѓани беше заслужен за следниот гол, Брауновиќ одбрани, а Кривокапиќ реализираше за 21-20 кога имаше да се игра уште осум минути.
Брауновиќ и Петковски по еден удар во следните акции, па немаше промена на резултатот. Во продолжение се играше гол за гол и на три минути до крајот се навестуваше драма. Сепак Голубовиќ стрелаше за 24-22, а охриѓани не реализираа во следниот напад.
Петковски одбрани уште еден напад на Охрид, но неговите соиграчи згрешија и на 60 секунди до крајот беше 24-23. Бошковски викна тајм-аут, а Пецаковски погоди за 25-23. Набрзина возвратија гостите за минус еден, но Пролет ја задржа топката и триумфот остана за домашните.
Пецаковски со 8 и Андоновски со 5 гола го предводеа Пролет до победа , додека кај Охрид се истакнаа Додиќ со 9 и Кривокапиќ со 6 гола .