Кошаркарите на Денвер нагетс го претрпеа и третиот пораз во низа, откако вечерва загубија на домашен терен против Бруклин нетс (120-122), во меч во кој не им помогна ниту извонредната партија на српскиот центар Јокиќ.
Србинот средбата ја заврши со 35 поени, 20 скока и 11 асистенции, а ова беше втор по ред пораз на „нагетси“ кога тој има трипл-дабл и тоа после победи на претходните 25 средби по ред со негово вакво остварување. Јокиќ воедно беше и трагичарот во својата екипа, со оглед што прво промаши шут за победа, а потоа и за продолженија, откако претходно имаше и едно промашено слободно фрлање во последната минута, кое ќе го променеше текот на натпреварот.
Во тимот на Денвер, Мајкл Портер јуниор постигна 23 поени, додека Џамал Мареј даде 16 поени, но со ужасен шут од поле (5/19). Микал Бриџис со 25 поени беше најефикасен кај „мрежичките“. И покрај овој пораз, Денвер останува убедливо прв во Западната конференција со скор 46-22, додека Бруклин е петти на Истокот со учинок 39-29.