Најдобриот кошгетер на денешницата, Стеф Кари, одигра маестрално, но сепак Голден стејт загуби на синоќешното гостување кај ЛА Клиперс (126-134).
Извонредниот бек на „воините“ средбата ја заврши со 50 поени, од кои осум тројки и шут 20/28 од поле, со што влезе во одбраното друштво на Мајкл Џордан, Коби Брајант и Леброн Џејмс како еден од ретките кој дошол до оваа граница на возраст од најмалку 35 години. Најзаслужни за триумфот на „клиперси“ беа Каваи Ленард со 30 поени и осум скока и Пол Џорџ со 24 поени.
Одлично одигра и Џоел Ембид, кој со седмиот по ред учинок со над 30 поени уште еднаш потврди дека е најголем конкурент на Никола Јокиќ за МВП-наградата сезонава во НБА. Новиот француски репрезентативец во триумфот на Филаделфија севентисиксерс на гости кај Кливленд кавалирс (118-109) реализира 36 поени со 18 скока.
Мемфис гризлис не е веќе страшен без суспендираната прва ѕвезда на екипата, Џа Морант, па беше поразен на гостувањето кај Мајами хит (119-138). Сакраменто кингс, пак дојде до четвртата победа во последните пет меча, славеше над Чикаго булс (117-114) и се израмни со Мемфис на второто место на табелата во Западната конференција. Двата тима имаат по 41 победа и 27 порази, а ниту првото место не е далеку, лидерот Денвер има пет победи повеќе, но се наоѓа во серија од четири порази во низа.
РЕЗУЛТАТИ: Кливленд – Филаделфија 109-118, Мајами – Мемфис 138-119, Чикаго – Сакраменто 114-117, Хјустон – ЛА лејкерс 114-110, Минесота – Бостон 104-102, Сан Антонио – Далас 128-137, ЛА клиперс – Голден стејт 134-126.