Наполи и Реал Мадрид доминираа на дуелите против Ливерпул и Ајнтрахт Франкфурт и со нови победи се пласираа во четвртфиналето на Лигата на шампионите. „Кралевите“ славеа против Ливерпул со 1-0 и на „Сантијаго Бернабеу“ откако претходно го декласираа и на „Енфилд“ со 5-2.
Карим Бензема беше стрелец во 79.минута на асистенција на Винисиус Жуниор, но потоа се повреди, уште една нова главоболка за Карло Анчелоти пред „Ел Класико“ кое се игра викендов на „Камп Ноу“.
Наполи и Елиф Елмас имаа уште една одлична партија против Ајнтрахт Франкфурт и победија со 3-0 на стадионот „Диего Армандо Марадона“. Виктор Осимен беше двоен стрелец, во 45. и во 53.минута, а Пјотр Зиелински погоди од пенал во 64.минута.
Елиф Елмас на овој меч влезе во игра во 74.минута на местото на Квича Кварацкелија.
Покрај Реал Мадрид, кој ја брани европската круна, меѓу осумте најдобри екипи во ЛШ се пласираа и Наполи, Манчестер Сити, Интер, Милан, Челси, Баерн Минхен и Бенфика.