Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, нема намера да седи со скрстени раце откако поранешните управи на каталонскиот тим се обвинети за подмитување на поранешниот потпретседател на судиската комисија на Ла Лига, Негреира, и одлучи да објави документ кој потврдува дека првиот човек на шпанската лига, Хавиер Тебас, е вмешан во сомнителни активности.
Во шпанската јавност се појавија документи кои потврдуваат дека Ла Лига во 2017 година потпишала договор со иранската компанија МТН Ирансел, која се наоѓа на црната листа на владата на САД поради финансирање на терористички организации.
Дополнителен проблем за Тебас, кој е најгласен во барањата Барселона да биде драконски казнета, е тоа што МТН Ирансел парите ги уплатувал преку офшор сметка во Дубаи.
Тебас веднаш ја демантираше оваа вест, но на интернет се појави и фотографија на која се ноаѓаат генералниот директор на Ла Лига, Хавиер Гомес Молина, и директорот на МТН Ирансел. Згора на тоа, и на официјалната интернет-страница на Ла Лига има информација со која се потврдува соработката со иранската компанија.
Интересно е што вчера, кога беше објавена информацијата на спорниот договор на Ла Лига со МТН Ирансел, на социјалните мрежи се појавија документи кои биле запленети при претресот на поранешниот судија Негреира, а досега биле криени од јавноста.
Документите потврдуваат дека Барселона ја ангажирала компанијата на Негреира за да прави анализи на судењето во Ла Лига и тоа е нормална работа која ја практикуваат сите големи шпански екипи.
Исто така, медиумите кои ја започнаа хајката против Барселона, не ги објавија овие документи, но изненадувачки, тоа го стори „Ел Чирингито“, кој важи за близок до Реал Мадрид.
„Овие документи се официјални и се надеваме дека останатите медиуми ќе ги објават и оние кои немаа проблеми изминатите денови да објавуваат шпекулации“.