Почетокот на дербито беше сиромашен со голови, се играше израмнет ракомет до 17. минута, кога се случи инцидент на трибините. Чкембари почнаа да ја гаѓаат вардаровата публика со факели, по што следеше прекин на дуелот.
После смирување на страстите продолжи натпреварот , но резултатот беше израмнет до 27. минута (10-10). Во финишот Вардар беше поуспешен во реализацијата и на пауза замина со 13-10.
„Црвено-црните“ ги користеа грешките на Пелистер на стартот на вториот дел, па по 10 минути игра оствари шест гола предност (20-14). Битолчани го подобрија нападот во следните минути и намалија на четири гола негатива, но тоа беше сè.
Вардар продолжи да го торпедира голот на Пелистер, кој не можеше да го издржи темпото со големиот ривал, а на крајот „црвено-црните“ триумфираа со 31-24.
Филип Талески и Дејан Манасков со по седум голови беа најдобри во екипата на Вардар, Жарко Пешевски постигна пет гола за Пелистер.