Елиф Елмас го даде првиот гол за Македонија во триумфот со Малта (2-1) за победнички почеток на осмиот евроквалификациски циклус. Елмас има одлична сезона за Наполи со кој е на чекор до „скудетото“ во кое сезонава иако има улога на џокер е трет стрелец на наполитанците со шест гола и две асистенции.
„Во Наполи има два лидери. Главниот е Лучано Спалети, а вториот е капитенот Џовани Ди Лоренцо. На терен е Спалети, во соблекувална е Ди Лоренцо. Спалети создаде одлична група, нѐ форсира да играме како тим, а мене ми покажа како побрзо да пораснам и како фудбалот да го играм поедноставно. И тој фудбал што го форсира е голема забава“, рече Елмас за италијанските медиуми.
Наполи има предност од 19 бодови пред Лацио на 11 кола до крајот на Серија А и веќе во идниот месец во Неапол може да се прославува „скудетото“, а тимот на Елмас го чека и двомеч за две недели со Милан за полуфинале во ЛШ.