Реал Мадрид со пресврт славеше против Барселона со 2-1 во „Ел Класико“ и така му избега на вечниот ривал на четири бодови разлика по 11 одиграни кола во шпанската Ла Лига.
Каталонците уште во шестата минута поведоа со голот на Илкај Гундоган, а екипата на Чави Ернандез до крајот на првото полувреме имаше уште неколку шанси, меѓутоа мрежите мируваа на двете страни. Фермин Лопез имаше убава шанса но ја погоди само стативата.
Во второто полувреме Барса уште еднаш го погоди дирекот, овојпат шутираше Ињиго Мартинез со глава.
Реал Мадрид се бореше храбро во вториот дел, а до израмнување стигна во 68. минута кога англискиот репрезентативец Џуд Белингам надвор од шеснаесетникот со силен удар постигна феноменален погодок за 1-1.
Во судиското надополнување, односно во 92. минута, Белингам повторно стана херој на „кралскиот клуб“, откако го матира голманот Марк-Андре Тер Штеген по вторпат за конечни 2-1 и триумф на Реал Мадрид кој му го нанесе првиот пораз на каталонскиот гигант во Примера оваа сезона.
Реал има 28 бода, колку и Жирона, на делба на првата позиција во шпанското првенство, по што следи Барселона со 24 бодови.
Евроголот на Белингем