Голема победа слави Шкотска, втора за нив во овој циклус за максимални шест бода, откако после триумфот со 3-0 против Кипар, сега ја победија Шпанија на „Хампден парк“ во Глазгов и тоа благодарение на брилјантниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Скот Мектомини.
Фудбалерот за врска даде два од трите гола пред три дена против Кипарците, а сега постигна уште два против Шпанците, прво во седмата, а потоа и во 51-та минута од натпреварот.
Шкотска во оваа група сега е прва по две рунди со максимални шест бода, Шпанија со три е втора, Грузија и Норвешка со по еден, а Кипар кој беше слободен е без бод од еден меч.
Турција имаше три шанси во воведните десетина минути од дербито со Хрватска, но Матео Ковачиќ ги замррзна сите во Бурса во 20-та минута, а четири минути во судиското надополнување и ги потопи Турците со втор гол, во две акции на Марио Пашалиќ. Хрватска, бронзената селекција од Катар ја оствари првата победа, откако во Сплит пред три дена со примен гол буквално секунди пред крајот стигна само до реми со Велс (1-1).
Турците направија низа можности, но Ливаковиќ бранеше одлично или домаќините лошо реагираа во завршницата, па не дојдоа ни до шанса да се понадеваат на бод. Велс ја победи Летонија со 1-0 и сега Хрватска и Велс се лидери со по четири бода, Турција е на три, а Ерменија и Летонија без бодови.
Косово се посрамоти против Андора играјќи нерешено 1-1 во Приштина. Косовците поведоа со голот на резевистот Жгерова а две минути покасно изедначи Росас.