Без оглед на финансискиот крах на каталонската гордост и проблемите со регистрацијата, Барселона е решена да го врати Меси, па според последните информации Лапорта закажал состанок со таткото на Лео, Хорхе, кој му е менаџер, за да се најде начин за враќање на најдобриот фудбалер во историјата на Барса.
„Потврдено! Враќањето на Лео Меси во Барса е повторно активна приказна. Лео побарал од својот татко, кој му е менаџер да закаже состанок со Жоан Лапорта и сѐ е веќе договорено. На состанокот ќе се решаваат деталите за кам-бекот и потписот на договорот“, објави радиото.
Медиумите во Каталонија веќе објавија дека Барселона во најголемата криза има еден начин многу лесно да го врати Меси, а тоа е да го регистрира за минимални 200.000 евра годишна плата, а потоа кога ќе му организира проштален натпревар, сиот приход од ТВ-правата, маркетингот, продадените влезници, по проценка од 100 милиони евра да му ги даде како благодарност и за враќањето и за сѐ што направи за Каталонците.
Меси израсна во „Ла Масија“, а за првиот тим на Барса играше од 2004 до 2021 година, освојувајќи четири трофеи во ЛШ и десет во Ла Лига, а замина во летото 2021 година откако Барса не можеше да го регистрира поради долг од повеќе од милијарда евра. Неговиот договор со ПСЖ истекува летово и тој е слободен играч, а иако имаше усмен договор за нова соработка по СП во Катар, преговорите се прекинаа и Меси се предомисли за останување. ПСЖ и понатаму е прв фаворит за да го задржи, но последните критики и свирежи од париската публика веројатно ја донеле одлуката кај Меси за заминување, особено што и семејството сака да се врати во топлата Каталонија.