На мастерс турнирот во Мајами кон пехарот итаат и тенисерот и тенисерката кои беа славеници пред две недели, во Индијан Велс – Карлос Алкарас и Елена Рибакина.
Шпанецот синоќа го совлада домашниот тенисер, деветтиот носител Тејлор Фриц со 6-4, 6-2. Ова е десетта победа по ред на Алкарас, сметајќи ги и тие од Индијан Велс и сите десет се без загубен сет на американско тло. Триумфот над Фриц му донесе пласман во полуфинале, каде што ќе има пресметка со Јаник Синер од Италија. Втората полуфинална двојка е руска: Данил Медведев против Карен Хачанов.
Елена Рибакина кај жените, седма на ВТА-листата со победа над треторангираната Џесика Пегула од САД, со 7-6(3) 6-4 обезбеди финале во Мајами. Во него ќе игра со победничката од дуелот на две ветеранки: Петра Квитова од Чешка и Сорана Чирстеа од Романија.