Чешката тенисерка Петра Квитова го освои мастерс-турнирот во Мајами во женска конкуренција, откако во ноќешното финале ја совлада Елена Рибакина со 7-6, 6-2.
Дуелот траеше точно сто минути, во кои имаше голема борба, но само во првиот сет, додека ветеранката доминираше во вториот. Квитова со 33 години е највозрасната тенисерка по Серена Вилијамс во 2015 година која го освоила турнирот на Флорида, и од понеделник таа по една ипол година се враќа меѓу десетте најдобри на ВТА-листата.
„Среќна сум што и на овие години можам рамноправно да се носам со најдобрите на ВТА, а горда сум што и како ветеранка можам да триумфирам на вака силни турнири“, изјави Квитова.
За чешката тенисерка ова е деветти триумф на мастерс-турнирите во последните 15 години, со што се изедначи со Симона Халеп на третата позиција, зад Викторија Азаренка со 10 и Серена Вилијамс со 13 титули.