Интер не победи ни на четвртиот меч во низа, со три порази по ред, па денес направи чекор назад од позициите за ЛШ, откако екс-членот на „нераѕурите“, Антонио Кандрева ги шокира со гол во 90-та минута за реми 1-1 на гости кај Салернитана.
Интер водеше после само шест минути игра, Робин Госенс даде гол на асистенција на Ромелу Лукаку, кој повторно се посрамоти со утка од два метри. „Нераѕурите“ не успеаа да ја сочуваат предноста и да излезат од кризата, а овој нов шок им доаѓа во уште понезгодно време со разнишаната самодоверба пред првиот четвртфинален меч со Бенфика во ЛШ.
Кандрeва во последната минута од регуларниот дел постигна еврогол „од паркинг“ за Салернитана која освои нов важен бод во битката за опстанок и сега со 29 е веќе на плус десет од првата во опасната зона Верона и многу близу да го задржи статусот во елитата.
Интер, пак, дојде до само 51 бод како четврти, исто толку има и Милан кој вечерва игра со Емполи, но Рома со 50 бода има шанса да ги истурка „нераѕурите“ од позиција за ЛШ, а Аталанта ако победи да се израмни во тесната битка за излез во мултимилионското друштво во следната сезона.