Лидерот во Ла Лига, Барселона освои само еден бод на гостувањето кај Хетафе во натпревар кој заврши без голови. Каталонскиот гигант беше голем фаворит пред дуелот и на теренот имаше целосна доминација, но на крајот тоа не го претвори во освојување на три бода.
Гостите имаа 67 отсто посед на топка, шутираа 14 пати кон голот на Хетафе, два пати ја погодуваа стативата, имаа изведено повеќе корнери, но сето тоа беше залудно затоа што Хетафе се одбрани и освои еден бод. По 29 одиграни кола во шпанското првенство, Барселона сега има 73 бодови, дури 11 повеќе од Реал Мадрид, но има еден податок кој може да го загрижи тренерот на Барселона, Чави Хернандес.
Барселона веќе трет натпревар во низа нема постигнато погодок. Пред ова реми без голови, лидерот на табелата одигра 0:0 и против Жирона во првенството, а претходно загуби со 0:4 од Реал Мадрид во Купот. Последен пат Барселона на погодок се израдува на 1 април кога со 4:0 славеше кај фенерџијата Елче.