Кошаркарите на Сакраменто и Филаделфија повторно ја искористија предноста на домашен терен и победија во дуелите против Голден стејт, односно Бруклин и поведоа со 2:0 во победи во првата рунда од плејофот во НБА-лигата.

Сакраменто со тимска игра, во која шестмина играчи имаа двоцифрен број поени, по вторпат го победи актуелниот НБА шампион, Голден стејт вориорс. Деарон Фокс и Домантас Сабонис постигнаа по 24 поени и беа предводници во триумфот на домаќините.

На спротивната страна, Стеф Кари постигна 28 поени, а Ендрју Вингс имаше 22 и Клеј Томпсон 21 поен, но тие тројца беа единствените расположени кај гостите и тоа беше недоволно за победа.

Интересно е дека ова е првпат во кариерата Кари и Томпсон да губат со 0:2 во една плејоф-серија и останува дилемата дали ќе успеат да направат пресврт или уште по првото коло во плејофот ќе стане јасно дека НБА-лигата ќе добие нов првак.

Ако двете победи на Сакраменто против Голден стејт се еден вид изненадување, тогаш за Филаделфија може да се каже дека очекувано води со 2:0 против Бруклин. Домаќините ноќеска славеа со 96:84, а најефикасни кај победничкиот тим беа Максеј со 33 поени и Ембид, кој додаде 20 поени и 19 скока.