Неколку возбудливи натпревари имаше во НБА-лигата, за нас најинтересни беа настапите на ѕвездите од регионов, Никола Јокиќ и Лука Дончиќ.

Српскиот центар го забележа 15. трипл-дабл оваа сезона и 93. во кариерата во триумфот на Денвер со 99-98 на гостувањето кај Њу Орлеанс. Јокиќ оствари ефект од 25 поени, 11 скока и 10 асистенции, а одлична помош имаше од Џамал Мареј со 25 поени. Ова беше 34. победа во 48 меча за Денвер, кој го потврди првото место во Западната конференција.

 

Лидерот на Истокот, Бостон забележа пораз на гости кај Мајами со 95-98, иако во последната четвртина водеше и со 10 разлика (87-77).  Тројца кошаркари имаа дабл-дабл ефект, Џејсон Тејтум кај Бостон со 31 поен и 14 скока, а кај Мајами Бам Адебајо со 30 коша и 15 скока и Хејвуд Хајсмит со 15 и 10 скока.

Тесен меч се одигра и во Тексас, каде што Далас загуби од Вашингтон со 126-127 и покрај 41 поен на Лука Дончиќ На нив додаде и 15 скока и шест асистенции. Вашингтон го предводеја Кајл Кузма со 30 и Бредли Бил со 22 коша.