Фудбалерите на Манчестер Јунајтед по синоќешниот пораз на гостувањето кај Севилја (0-3) испаднаа од Лига Европа, а за тоа еден од најголемите виновници беше англискиот репрезентативец, Хари Мегваер, чија почетничка грешка доведе до првиот гол на противникот.
Најскапиот стопер во историјата ја бараше топката од голманот Де Хеа во опасната зона, за веднаш потоа да им ја подари на шпанските фудбалери, кои лесно реализираа. Тоа дефинитивно го налути коментаторот на регионалната телевизија Арена спорт, кој со својот коментар стана хит на социјалните мрежи.
„Мегваер е најлошиот фудбалер на Јунајтед во последните 50 години. Тоа слободно може да го кажеме. Како да е аматер кој игра пред зграда, а не капитен на еден од најголемите клубови во историјата“, беа зборовите на коментаторот.
Англичанецот беше виновен и за ремито на првиот меч на „Олд Трафорд“, кога иако влезе во финишот како резерва успеа да си даде автогол во последната минута за изедначување на 2-2.