Младите фудбалери на АЗ Алкмар влегоа во историја со прво финале за еден холандски клуб во младинската Лига на шампионите, откако попладнево со 4-3 на пенали (2-2) го победи Спортинг Лисабон во полуфиналниот меч во Женева, па сега го чекаат противникот од пресметката на сплитски Хајдук и Милан во вториот полуфинален дуел.
Голманот Овусу-Одуро беше јунак за првото финале за АЗ, откако одбрани два пенали, на Ламбе и Рибеира, додека чуварот на мрежата Калај го фати шутот само на Де Јонг, за Холанѓаните да победат во пенал-рулетот за историско финале.
Претходно три од четирите гола во регуларниот дел паднаа во фантастичното прво полувреме во кое Спортинг поведе во деветата минута со гол на Кабрал, па АЗ за шест минути од 30-та до 36-та да направи пресврт со голови на Поку и Дал, а на стартот на вториот дел Ламба израмни.
Женева во моментов врие поради илјадниците навивачи на Хајдук, кои ќе направат пекол за Милан на трибините во обид сплитските „били“ да дојдат до историското финале и да се напише нова историска страница за хрватскиот фудбал.
Финалето е за три дена, на 24 мај, исто така во Женева.