Македонскиот дијамант Елиф Елмас е многу извесно дека ќе стартува на неделното дерби со Јувентус во италијанското Калчо, најавуваат медиуми од Апенините, откако наполитанците се соочуваат со проблем со три повредени фудбалери, но и исцрпеност на дел од стартерите после реваншот со Милан.
Според најавите од Неапол, „џокерот“ на Лучано Спалети, Елмас во моментов е кандидат за стартниот тим, но тренерот на наполитанците се двоуми на која позиција да го стави за пресметката со „старата дама“, која после враќањето на одземените 15 бода, сега е третопласирана со 59 бода, 16 зад лидерот Наполи.
Првата опција за Елмас која ја размислува Спалети е да го стави на позицијата на Пјотр Зиелински, а втората е да му даде нова улога – десен фул-бек. Всушност на тој начин би добил Наполи двајца на десната страна покрај Џовани Ди Лоренцо, а Елмас би имал улога дополнително да истрча во одбрана за да ја затвори страната.
Елмас сезонава буквално одигра скоро на секоја позиција, беше и центарфор на првиот натпревар со Милан, а на реваншот во завршницата стоеше и на стоперска позиција. Македонскиот репрезентативец во првиот сезонски меч со Јувентус даде еден гол кога Наполи ја разнесе „старата дама“ со 5-1.
Наполи е на 10 бода до шампионска титула во завршницата од сезоната, во која неочекувано Лацио е втор на табелата.