Полуфиналистот од ЛШ екипата на Интер од Милано, европската еуфорија ја искористи за да ја прекине лошата серија во домашното првенство и, конечно, да запише победа, по пауза од пет меча или точно 49 дена.
Интер победи на гостувањето кај Емполи со 3-0, екипата која е во полоша форма и од „нераѕурите“, ако се земат последните 10 натпревари. Симоне Инѕаги извади тим, кој беше драстично различен од оние 11-мина кои го почнаа четвртфиналето против Бенфика, во средата, со деветмина различни стартери и само Марцело Брозовиќ и Франческо Ачерби исти.
Последната победа на Интер датира од 5 март, поради што тимот падна на шестото место на табелата, но со новите три бода, барем привремено, е петти, со 54 бода, два помалку од Рома и еден повеќе од Милан, кои треба да ги одиграат допрва своите средби. Емполи е 15-ти, со 32 бода, шест повеќе од зоната за испаѓање, а веќе четврти дуел по ред не успеава да постигне гол.