Фудбалските надежи на сплитски Хајдук вечерва ќе настапат во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) и тоа против холандски АЗ Алкмар (18 часот) во Женева, но без разлика на епилогот од овој натпревар граѓаните на Сплит им подготвуваат спектакуларен дочек.
Ова е првпат во историјата на ова јуниорско натпреварување за трофејот да играат тимови кои се пласираа во ЛШ преку домашните првенства, а не поради настапот на сениорските екипи во групната фаза од најсилното клупско европско натпреварување. Хајдук на патот до големото финале беше подобар од Габала, Аполонија, Шахтар, Манчестер сити, Борусија Дортмунд и Милано, додека Холанѓаните ги елиминираа Шамрок, Ц. Звезда, Ајнтрахт Франкфурт, Барселона, Реал Мадрид и Спортинг Лисабон.
Интересот за ова финале е огромен, поради што УЕФА го премести на поголем стадион, со оглед на најавата што на трибините ќе се најдат најмалку 10.000 навивачи на хрватскиот тим.
Фајналфорот во јуниорската ЛШ со тоа ќе биде најмасовно гостување на „Торцида“ уште од дуелот со Рома пред 20 години, а победиле или загубиле, талентите на Хајдук ќе бидат пречекани на сплитската Рива и тоа утревечер со почеток во 18 часот, кога се очекуваат илјадници сплиќани на улиците на овој град и пеколна атмосфера.