Актуелниот НБА-првак Голден стејт вориорс изедначи на 2:2 во дуелот против Сакраменто кингс откако на свој терен победи минимално со 126:125. Во оваа серија против Сакраменто, Голден стејт во ерата на Стеф Кари и Клеј Томпсон за првпат беше во негатива од 2:0 во победи во една плејоф-серија, но со два триумфи на свој терен израмнија на 2:2.
Малку фалеше Воините да направат од готово-вересија. Двете екипи се менуваа во водството, гостите имаа дури и девет поени предност во еден дел од втората четвртина (62:53), но Голден стејт се врати во игра и по три четвртини водеше со 102:92.
Во текот на целата последна четвртина, Сакраменто се обидуваше да ја стигне негативата, а на 45 секунди до крајот домаќините водеа со 126:121 и имаа напад, кога Стеф Кари направи неочекуван потег. Побара тајмаут за својот тим, а Голден стејт веќе немаше право на такво нешто.
Поради тоа, Кари доби техничка грешка, па гостите погодија едно слободно фрлање, а од нападот кој го добија како „подарок“, погодија тројка и намалија на 126:125. Во последниот напад за Воините, Кари шутираше и промаши, па Сакраменто имаше напад за победа, но последниот шут за гостите беше непрецизен за голема радост на домашната публика.
Кари со 32 поени, Томпсон со 26 поени и Пол со 22 беа најефикасни кај победничкиот тим, додека кај гостите предводници беа Фокс со 38 поени и Мари со 23 поени.
Драматично беше и на дуелот Минесота – Денвер, а на крајот дури по продолжение од пет минути се радуваа домаќините со 114:108. Дуелот по регуларниот дел заврши 96:96, а ова беше меч на кој домаќините се бореа да не добијат „метла“, па успеаја да намалат на 3:1 во победи.
Никола Јокиќ со 43 поени и 11 скока беше најдобар на теренот, но неговиот тим не успеа да ја елиминира Минесота со чисти 4:0. Кај домаќините прва ѕвезда беше Едвардс со 34 поени.
Бостон дојде на една победа од пласман во следната фаза, откако на гости славеше кај Атланта со 129:121 и поведе со 3:1 во победи. Браун и Татум со по 31 поен беа предводници на победничкиот тим, а Јанг постигна 35 поени за Атланта, но тоа беше недоволно домашниот тим да се спаси од пораз.