Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ненад Димитријевиќ имаше блескав настап и со 24 поени го водеше Уникс Казан до пласман во финалето во ВТБ-лигата, каде против Локомотив Кубан ќе се борат за шампионскиот трофеј, откако Уникс во мајсторката со Зенит победи со 80-79.
Во многу драматичен натпревар, Димитријевиќ одигра пресудна улога со своите 24 поени, шест асистенции и два скока, а имаше одлична реализација за два поени, осум од десет, една тројка од четири обиди и пет од шест од линијата за слободни фрлања.
Македонскиот кошаркар ги постигна поените за израмнување на 79-79, по што Зенит загуби топка во следниот напад, а Уникс со едно слободно на крај дојде до клучната победа во полуфиналната серија.
Уникс ќе се судри со Локомотив Кубан кој вчера по продолженија во мајсторката славеше со 103-100 против ЦСКА Москва, чиј тренер е Емил Рајковиќ.