Барселона дојде на само еден чекор до нова шампионска титула во Ла Лига, иако вечерва се изнамачи за да ја победи Осасуна, па триумфираше минимално со 1-0 и тоа со гол на пет минути пред крајот.
Барселона со победата која ја обезбеди Жорди Алба во 85-та минута на асистенција на Френки де Јонг, дојде до 26-та победа и сега на Реал Мадрид му избега на плус 14 бода со меч повеќе, зашто од 22 часот „кралевите“ гостуваат кај Реал Сосиедад. Ако не победи Реал, на Барса ќе ѝ треба најмалку бод во следното коло (со пораз на вечниот ривал) или победа (со реми) за официјално да се круниса за нов шпански првак.
Каталонците имаат подобар меѓусебен скор сезонава со Реал, титулата со втората победа во „ел класико“ безмалку ја освоија и сега само се чека на моментот кога официјално ќе запоседнат на врвот. До крајот на сезоната има уште пет кола.
Алмерија со 2-1 го победи последниот Елче во вториот денешен меч од ова 33-то коло.