Струга Трим Лум е нов фудбалски шампион на Македонија, откако со триумф против Силекс од 3-0 оствари недостижна предност пред конкурентите на две кола пред крајот на шампионатот. Тоа е историски успех за клубот кој е формиран во 2015 година и кој експресно дојде до тронот во македонскиот фудбал.

Бесарт Ибраими во 42.минута го доведе тимот на Струга во водство, а Буњамин Шабани на почетокот на вториот дел реализираше пенал за удвојување на предноста. Истиот фудбалер уште еднаш се запиша меѓу стрелците во 77.минута, за делириум во Струга.

  
Во дербито на екипите кои важеа за главни конкуренти за титулата, Шкупи ја совлада Шкендија на Чаир со 2-1. Ералдо Чинари со проектил го изненади домаќинот во 17.минута, но израмни Сандеј Адетунџи во 28.минута. Триумфот за Шкупи го донесе Дарко Илиески со погодокот во 77.минута. Чинари не успеа да реализира и пенал за израмнување.

Работнички и Брегалница одиграа „луд“ натпревар кој заврши 5-4 во корист на „романтичарите“.Додев и Андонов отворија за 0-2 за Брегалница, а потоа Работнички постигна три гола за водство на полувреме преку Рушевиќ, Мисердовски и Гандо Биала.

Мазари постигна фантастичен гол за 4-2, возврати и Брегалница, но Рушевиќ постигна петти гол за Работнички. На крајот, Николов го постави конечниот резултат.

Македонија ЃП со седум гола ја „поздрави“ испаднатата Победа. Арби Воша ја отвори серијата со два гола, потоа стрелаше Филип Мишевски, а до крајот на првиот дел гостите си постигнаа и автогол. Во второто полувреме уште три гола во мрежата на Победа за „седумка“ на стадионот на ФФМ.

Тиквеш одигра одлично против Академија Пандев и победи со 1-4. Глигор Дончев донесе водство за гостите од Кавадарци, а Едиз Спахиу зголеми на 0-2. Кристијан Велиновски ги врати „пандевци“ во игра, но во финишот Александар Мишов со два гола го реши победникот.