Миланските фудбалски гиганти Милан и Интер вечерва ќе одиграат специјално „Дерби дела Мадонина“. Изданието број 236 во официјалните натпревари од вечниот дуел меѓу „Ѓаволот“ и „Змијата“ е првиот дел од пресметката на двата познати клуба во полуфиналето на Лигата на шампионите.
Додека возбудливата битка помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити многумина ја опишаа како „финале пред финалето“, средбата помеѓу Милан и Интер е „полуфинале од соништата“ за поддржувачите на двата тима и голем дел од неутралните фудбалски фанови.
Двата гиганти од Милано досега двапати имаа пресметка во ЛШ, а за тие натпревари до ден денес се зборува со носталгија и возбуда.
Во сезоната 2002/03, „росонерите“ се пласираа во финалето по двете ремија, 0-0 и 1-1 со „нероаѕурите“, а решавачки беше нивниот гол на гостински терен. Тие потоа триумфираа и го освоија трофејот, победувајќи го Јувентус на пенали по ремито без голови во регуларното време и продолженијата.
Во сезоната 2004/05 двата милански гиганти повторно се сретнаа, но во четвртфиналето. Тогаш Милан победи со 2-0 во првиот меч, и во реваншот водеа со 1-0, но во 73. минута голманот Дида беше погоден од факел. После тоа, навивачите продолжија да фрлаат факели на теренот и тоа го принуди главниот судија да го прекине мечот. Во финалето во Истанбул, Милан се соочи со Ливерпул и покрај тоа што водеше со 3-0 на одморот, дозволи Англичаните да извлечат нерешено 3-3, а потоа и загубија од „црвените“ на пенали.
Ова е 13. полуфинале за Милан во Купот на европските шампиони или Лигата на шампионите. Што се однесува до Интер, тимот во целата историја учествувал во финалето петпати по вкупно осум одиграни полуфиналиња. Она што е заедничко за двата клуба е тоа што во секое од нивните последни полуфинални натпревари во ЛШ, тие потоа и го освојувале трофејот.