Рома направи чекор кон ново финале после минималецот со 1-0 против Баер Леверкузен, а најтрофејниот калчолигаш Јувентус во 96-та минута се спаси од пораз против Севилја со реми 1-1 по првите полуфинални мечеви во Лига Европа.
Рома на Жозе Мурињо на „Олимпико“ дојде до победа против „фармацевтите“ од Леверкусен и го продолжи сонот за втора европска титула во низа. Минатата година ја освоија Конференциската лига, а моментот кој реши сѐ во Рим беше голот на Едоардо Бове во 63-та минута на одбиената топка после шутот на Тами Абрахам.
Предноста од еден гол не е гаранција за пласман во финале, но победата е добра основа во Леверкузен за седум дена да се завери финалето и да се брка нова европска круна.
Севилја беше на чекор до многу голема победа, но резервистот Федерико Гати во последниот корнер на мечот во 96-та минута даде гол и ја спаси „старата дама“ од пораз откако Јусеф Ен Несири по 26 минути на Андалузијците им донесе предност. Се очекуваше триумф на шпанците, бидејќи за повеќе од еден час игра, Јуве немаше директен шут во голот.
Гати погоди буквално секунди пред крајот откако натпреварот ги надмина и шесте дополнителни минути.