„Кралот“ му пресуди на шампионот, сега го чека мега-дуел со Никола Јокиќ. Кошаркарите на ЛА Лејкерс се пласираа во финалето од Западната конференцијата во НБА-лигата, откако победија во шестиот меч во серијата против Голден стејт (122-101) а блескаше ветеранот Леброн Џејмс.

„Езерџиите“ дојдоа до посакуваните 4-2, избегнувајќи ја секогаш драматичната „мајсторка“, па станаа првиот тим од Западот што излегол поуспешен во плејоф-пресметка со „воините“ откако тренер на оваа екипа е Стив Кер, а тоа е од 2014 година. За Лејкерс ова е дури 24-то конференциско финале во клупската историја, откако ја добија рекордната 41. серија во доигрувањето и тоа по десетте порази во првите 12 меча на стартот од сезоната.

 

Џејмс средбата ја заврши со 30 поени и со по девет скока и асистенции, а помош доби од Остин Ривс со 23 поени и од Ентони Дејвис, кој уфрли 17 поени и 20 скока. Кај Голден стејт најдобар беше Стеф Кари со 32 поени. Претпоследен противник за тимот од „Ел-Еј“ на патот кон нова шампионска титула е Денвер нагетс предводен од фантастичниот Никола Јокиќ, во серија која почнува во ноќта помеѓу вторник и среда по македонско време.

Уште еден тим што играше плејин како Лејкерс дојде до конференциското финале, а тоа е Мајами хит. Кој со триумф во шестиот меч против Њујорк никс (96-92) дојдоа до 4-2 во источното полуфинале.