Германскиот првак Баерн Минхен го торпедира Шалке со 6-0 и направи чекор поблизу до нова, 11-та титула по ред, па повторно привремено и избега на Борусија Дортмунд на четири бода предност со меч повеќе во 32 коло во Бундеслигата.
Томас Милер и Џошуа Кимих дадоа два гола во првиот дел, па јасно беше дека Баерн ќе дојде до 20-та сезонска победа. Во вториот дел Серж Гнабри даде два гола во 50-та и 64-та минута, а Матис Тел во 80-та и Нусар Мазрауи во 90+2-та минута ставија само печат на убедливата победата.
Баерн сега има 68 бода, четири повеќе од Дортмунд кој попладнево го игра својот домашен меч со Борусија Менхенгладбах и мора да победи за да остане во мртвата трка и бод разлика од големиот ривал за шампионската титула.
Унион Берлин со 4-2 го совлада Фрајбург во дербито за ЛШ, па берлинскиот тим дојде на три бода пред директниот ривал кој останува надвор од зоната за елитата и чекор поблизу до пласман во мултимилионското друштво.
Унион Берлин победата ја најави со три гола во првиот дел кога Бехренс и Бекер со два гола го сомлеа Фрајбург, но гостите не се предадоа и до 70-та се вратија во мечот со по еден гол на Гилде и Грифо, но десет минути пред крајот Лаидуни стави печат на победата. Унион Берлин сега е трет со 59 бода, два пред РБ Лајпциг кој има меч помалку, а Фрајбург е на 56 бода на две кола до крајот.
Голема победа во трка за опстанокот оствари Бохум кој со 3-2 го победи Аугсбург и сега излезе од опасната зона, па на две кола до крајот на првенството има 31 бод, еден пред Шалке кој е на позиција за бараж, а три пред Штутгарт, кој има натпревар помалку. Херта со 25 бода веќе е второлигаш.
Волфсбург со 2-1 го победи Хофенхајм, кој останува во трката за опстанок два бода над опасната зона, а Ајнтрахт со 3-0 во Франкфурт го збриша Мајнц.