Македонија ЃП го одбрани Купот на Македонија и го освои третиот трофеј во историјата во ова натпреварување, по победата со 2-0 во пенал-рулетот против првакот Струга, по едно од најкатастрофалните изведувања на удари од белата точка, при што имаше дури шест промашувања.
Минатите две финалиња минаа скоро без шанси, но денешното понуди многу повеќе, низа шанси и на двете страни и по еден гол, но недоволно за да се дознае новиот освојувач.
Филип Мишевски од пенал во 28. минута донесе водство за Македонија ЃП, но „лавовите“ не успеаа да издржат до крај, па Фатјон Јусуфи на 15 минути пред крајот израмни, па натпреварот отиде во продолженија.
Новиот македонски шампион Струга ТЛ не успеа да погоди ни еднаш од четирите шутеви од пенал, промашија Фљамур Таири (преку гол), Марјан Радески и Меџит Незири (двајцата пречка) и Бунјамин Шабани (Христијан Стевковски одбрани), додека Есмин Личина во втората и Емир Скендери во четвртата серија погодија за победа, откако Филип Мишевски и Филип Алексовски промашија, односно Ведран Ќосевски им ги одбрани ударите.
Македонија ЃП по трофеите во 2006 година и лани, сега се на третото место на вечната листа, со вкупно три пехари, колку што имаат и Слога Југомагнат и Силекс.