Баерн Минхен ја продолжи шампионската низа во Бундес-лигата иако беше во загубена позиција пред последното коло. Баварците триумфираа со 1-2 на гости кај Келн и го искористија неверојатниот кикс на Борусија Дортмунд (2-2) со Мајнц на домашен терен, пред повеќе од 80.000 гледачи и уште 200.000 надвор од стадионот „Сигнал Идуна парк“.
Џамал Мусијала го постигна шампионскиот гол за Баерн Минхен во 89.минута. Претходно, Кингсли Коман обезбеди водство за тимот на Томас Тухел во осмата минута, а израмни Љубичиќ од пенал.
Мајнц одигра неверојатен натпревар, дојде до водство од 0-2 во Дортмунд, со головите на Ханче-Олсен во 15.минута и на Онисиво во 24.минута. Во меѓувреме, Себастијан Але не успеа да реализира пенал.
Борусија Дортмунд се врати во финишот со два гола, погодија Гереиро во 69.минута и Никлас Суле во 96.минута, но недостигаше уште еден гол за шампионска титула.
Лајпциг го победи Шалке со 4-2, Волфсбург загуби дома од Херта со 1-2, Бохум го декласира Баер Леверкузен со 3-0. Унион Берлин го победи Вердер со 1-0.
Во Лигата на шампионите се пласираа Баерн Минхен, Борусија Дортмунд, Лајпциг и Унион Берлин.