Интер ја победи Аталанта со 3-2 на „Џузепе Меаца“ и официјално се пласира во Лигата на шампионите, и се придружи на првакот Наполи и на Лацио кои веќе имаат место во европската елита, во ова претпоследно 37. коло во Серија А. „Нераѕурите“ сега може целосно да се посветат на финалето во Истанбул на 10 јуни во борбата за европска титула против Манчестер сити.
За 22-та победа сезонава по која Интер дојде на 69 бода против директниот конкурент и со тоа отиде на недостижни плус осум од бергамашите, на „нераѕурите“ им требаа само три воведни минути од натпреварот кога Ромелу Лукаку во првата, па Николо Барела во третата дадоа голови за голема предност од 2-0.
Марио Пашалиќ во 36-та намали, но Лаутаро Мартинез за да нема дилеми стави печат со трет гол за Интер на 13 минути пред крајот и со тоа го обезбеди новото учлество во следната сезона во мултимилионското друштво. Во судиското надополнување, Луис Муриел даде втор гол за Аталанта, но предоцна за бергамашите да се изборат барем да останат непоразени
Аталанта со поразот остана на 61 бод, на петтото место, три зад Милан кој утре игра дерби со Јувентус, но без шанси за пласман во ЛШ поради послабиот меѓусебен скор со „росонерите“. Милан е на чекор до заверка на пласманот ако утре не загуби против „старата дама“, иако прашање е дали Јувентус воопшто ќе игра во Европа зашто во најава е суспензија од УЕФА врз база на казната со одземените десет бода од италијанската федерација за малверзации со трансфери и фиктивен буџет.