На едно коло пред крајот решена е шампионската трка и во Саудиска Арабија. Нов шампион е Ал-Итихад, кој вечерва како гостин убедливо со 3-0 го совлада тимот на Ал Фејха на Александар Трајковски и сега има недостижни пет бода повеќе од Ал-Наср на Кристијано Роналдо.
Шараили во третата минута го совлада голманот на Ал Фејха, Владимир Стојковиќ, а Ромарињо пред крајот на полувремето ја удвои предноста на новиот шампион. Во продолжение Ромарињо уште еднаш го совлада Стојковиќ и ги постави конечните 3-0 за Ал-Итихад во 86. минута.
Ал Фејха така остана на 30 бода, три бода над зоната за испаѓање, па опстанокот ќе го решава во последното коло против Ал Вехда.
Кристијано Роналдо вечерва повторно го предводеше нападот на Ал-Наср против Ал Етифак, а тој дуел заврши без победник, 1-1. Дарко Велковски успеа да го сопре Роналдо.
Домашните поведоа со голот на Нијакате во 43. минута, а Луиз Густаво донесе конечни 1-1 на Ал Наср во 56. минута од натпреварот.