Бразилецот Родриго со два гола донесе пресврт-победа на Реал Мадрид на „Санчес Писхуан“ со 2-1 во натпревар без преголемо значење и за двата тима, па „кралскиот клуб“ дојде на чекор до заверка на вицешампионското место, додека Андалузијците повеќе мислеа на финалето во Лига Европа кое во среда ќе го играат со Рома во Будимпешта.
Иако после само три минути Севилја поведе со гол на Рафа Мир, а дел од првотимците одмораа за финалето, „кралевите“ брзо се соземаа и одговорија преку Родриго со гол за израмнување во 29-та минута, за истиот играч во 69-та го комплетира пресвртот и тој гол се покажа како доволен за победа.
До крајот, Маркос Акуња беше исклучен, па Севилја со десетмина остана во поле и немаше шанса за да се избори барем за реми во стоминутната пресметка. Реал сега има 77 бода, четири пред градскиот ривал Атлетико Мадрид кој утре го игра својот натпревар против Реал Сосиедад.
Севилја остана на 49 бода на десетото место.