Двата најголеми ривали од Јужна Америка, Аргентина и Бразил немаат одиграно „Суперкласико“ на Светско првенство веќе 32 години, па како фаворити на хартија денеска во првите две четвртфиналиња во Катар, светот очекува да закажат пресметка каква досега не е видена во историјата за место во финалето, но на Хрватска и Холандија е да го уништат сонот.
Бразил од 16 часот игра против светскиот вицепрвак Хрватска во пресметка на која „кариоките“ влегуваат како први фаворити за „златниот пехар“, после импресивни настапи досега, со исклучително моќен напад, ама пред себе имаат неверојатно искусен тим со страшен среден ред и со дефанзивец кој моментно е меѓу петте најдобри на светот и петкратниот светски првак ќе мора добро да се намачи за евентуална победа.
Според стручњаците и обложувачниците, сѐ освен победа на Бразил би било сензација, а на рака им оди и традицијата со три победи и реми во четири мечеви, од кои две победи на Светските првенства со 1-0 во 2006 и со 3-1 во 2014. Но, за Бразил да ја мине Хрватска ќе треба да заврши работа во 90 минути, а влезат ли Хрватите во дополнителни 30 минути и пенали, шансите уште повеќе им се зголемуваат.
Хрватска нема пораз на СП во продолженија и пенали, а серијата им почна во Русија со два пенал-рулети победени во осминафинале (Данска) и четвртфинале (Русија), со победа во продолженија со Англија и сега пак осминафинална победа со Јапонија во рулетот од белата точка. Доволен показател дека Хрватите имаат исклучително психилошки стабилен тим, кој ќе ја бара шансата до последен момент и на било каков начин за да дојде до нов епски успех после бронзата во 1998 и среброто во 2018 година.
За „Кариоките“ ова е осмо четвртфинале по ред во низата во која освоија и две светски титули (1994 и 2002), а еднаш беа вицепрваци (1998), но од светската круна пред две децении само еднаш успеаа во изминатиов период на четири Мундијали да играат во полуфинале, во 2014 кога го доживеаа епскиот дебакл со 1-7 дома од Германија.
Аргентина и Холандија ќе се судрат во второто денешно четвртфинале од 20 часот, а пресметката е своевидно „мундијалско класико“, зашто овие две селекции и фудбалски велесили меѓусебе ќе го играат дури шестиот меч на Светските првенства, а само пресметките на Бразил со Шведска и Аргентина – Германија се играле повеќе во историјата (по седумпати). Во последно време, во 21-от век, „гаучосите“ и „лалињата“ меѓусебе одиграа двапати и двата меча завршија – без голови (2006 и 2014). Само како за најава дека се очекува меч на кој ќе решаваат нијанси и многу тактички надмудрувања на стариот лисец Луј Ван Гал против младиот Лионел Скалони.
Холандија откако испадна од Еуро 2020, сега е во серија од 19 меча без пораз, импресивен низ како показател дека е селекција која тешко губи, и пред сѐ знае да одигра на резултат. Аргентина дојде на СП за да постави нов светски рекорд, но запре на 36-от меч со поразот на стартот од Саудиска Арабија, шлаканица која ги освести Лео Меси и другарите и тие заиграа на ниво, па сега и за нијанса се фаворити на хартија.
Меси го игра својот последен Мундијал, како последна шанса за „златниот пехар“ и крунисувањето за најдобар на сите времиња, откако во 2014 ја пропушти шансата со поразот во финале, а и се сѐ врти околу него во играта на Аргентина, па Вирџил Ван Дајк како командант на одбраната го чека тешка задача за да го изолира во офанзива за да спречи и негови закани, зашто Алексис Макалистер, Хулијан Алварез многу брзо може да влезат во шанса со „убиствено додавање“ на првата аргентинска икона.
Мемфис Депај и големиот талент Коди Гакпо се главното оружје на Ван Гал за нападот, но најмногу ќе зависи и од протокот на топки и креатвноста да ги врзе линиите на Френки Де Јонг, како и пробивниот Дензел Думфрис на десната бековска позиција, откако фудбалерот на Интер беше клуч за пласманот во четвртфинале со две асистенции и гол против САД. Аргентина од поразот со С. Арабија кој сите ги изненади, не се соочи со тим кој ќе ја нападне, освен завршните 15 минути со Австралија во меч на кој „гаучосите“ покажаа слабост во дефанзива, можеби и опуштени после убедливата игра и водството, но овој меч со Холандија ќе им биде вистински тест за капацитетот на дефанзивата ако успеат да поминат.
Бразил и Аргентина меѓусебе последен пат играа на СП 1990 во Италија кога Аргентина единствен пат победи, а претходно имаат мечеви на СП 1974 (2-1 за Бразил), СП 1978 (0-0) и СП 1982 (3-1 за Бразил). Светот сака да види „Суперкласико“, реприза и од финалето на ланската Копа Америка, ама свои сметки имаат Холандија и Хрватска и секоја шанса ќе ја искористат за свој нов успех, посебно на „коцкестите“, кои веќе го имаат третиот најдобар резултат на Мундијалите, но не се задоволуваат и тоа само го покажува победничкиот карактер на тимот предводен од Лука Модриќ, макар бил и против најфудбалската нација.