Кристијансанд Вајперс во финалето на завршниот турнир кој традиционално се игра во Будимпешта, го совлада унгарскиот тим Ференцварош со 28:24.
Норвежанките во претходните две години славеа над Брест (34:28) и над Ѓер (33:31), кого сега го совладаа во полуфиналето.
Ракометарките на Вајперс, фуриозно го започнаа финалето, во десеттата минута поведоа со 5:1, но падот во концентрацијата во завршницата од првото полувреме ја искористи противникот со серија од 1:3 да ја врати резултатската неизвесност и на пауза да се замине со минимални 14:13 за Норвежанките.
На стартот од вториот дел, Вајперс со серија од 7:1 за само седум минути поведе со 21:14 и ги реши дилемите околу победникот. На крајот триумфираше со 28:24 и трета година по ред го крева шампионскиот пехар.
Блескаше голманката Катрин Лунде со 16 одбрани, а Вјахирева и Андерсен со по шест гола беа најпрецизни кај европскиот шампион.
Во редовите на Ференцварош, најдобри беа Болк и поранешната вардарка, Андреа Лекиќ кои постигнаа по пет гола.
Во мечот за третото место, Ѓер со 28:27 го победи Есбјерг.