Манчестер сити има пет титули во последните шест сезони во Премиерлигата, а сезонава брка „триплета“, има еден европски трофеј од КПК во 1970 година и без некој позабележителен настап во европската елита, со најдобар пласман во финале во 2021 и поразот од Челси.
Но, ова второ финале во историјата за „граѓаните“ може експресно да им донесе историски момент и влез во самиот крем на европските великани освојувачи на трофејот. Со победа над Интер вечерва од 21 часот во Истанбул, ќе станат 15-от клуб во историјата на најелитното натпреварување кој стигнал до трофејот без пораз, а само осми во ерата наречена Лига на шампиони.
Повеќе од деценија помина откако некој клуб успеал првпат да го крене највредниот клупски пехар, а последен пат тоа беше Челси, кој во 2012 година стана европски шампион за прв пат во историјата. А, севкупно Сити би бил 23-от освојувач на „големите уши“ и на Англија би и донел 15-ти трофеј првак на Европа.
Манчестер Сити е голем фаворит за освојувањето на Лигата на шампионите, но Де Брујне е свесен дека нема да биде лесно.
„Ја сфаќаме играта на Интер. Тие се компактни, играат 5-3-2, двајцата напаѓачи ја држат добро топката и имаат тркачи во средниот ред. Тие се бранат исклучително добро. Не очекуваме отворен натпревар, тоа не се случува често во финалињата“, вели Де Брујне.
„Во последните пет-шест години во Премиерлигата, многу од послабите тимови играат со пет играчи во дефанзивата, повеќето 5-4-1, но Интер го прави тоа со двајца напаѓачи што е малку поразлично. Предноста на Интер во однос на англиските тимови е што тие тоа го играат цело време, го имаат усовршено системот и се многу добри во тоа“.