Поранешниот ураински репрезентативец од 90-те години, Андреј Полунин, фудбалер на германските Нирнберг, Сент Паули и РВ Есен им порача на актуелните репрезентативци на Украина предводени од најскапиот Михајло Мудрик дека двата претстојни евроквалификациски натпревари со Македонија во петок, па со Малта во понеделник – не смее да им бидат проблем.
Новиот селектор на Украина, Сергеј Ребров тргна со реми 3-3 против Германија во Бремен пред два дена, како загревање пред доаѓањето на дуелот со Македонија во групата на смртта“ во која Украинците во март загубија од Англија со 0-2, а Македонија ја победи Малта со 2-1 во првите натпревари во новиот евроквалификациски циклус за пласман на Еуро 2024 во Германија.
„Јасно е дека Ребров нема волшебно стапче и веднаш сѐ да биде магично и од него очекуваме само внимателно да ги проучи противниците и да ја избере вистинската тактика, а сѐ потоа на теренот е на играчите. И за нив мислам и убеден сум дека Малта и Македонија не треба и не смее да бидат проблем за да се победи. Тоа што не играат Зинченко и Јеремчук, нема да биде некое сериозно ослабнување на тимот, Ребров има квалитетен избор на фудбалери и само ќе треба да се избере најдоброто“, вели Полунин.
Тој посочува дека силно верува во новиот селектор Ребров, од причина како што вели, секаде каде што работел има успеси.
„Ребров веќе покажа дека може да донесе максимални резултати, од Динамо Киев, Ференцварош, па сѐ до Ал Аин како негов последен клуб, така да очекувам дека брзо ќе создаде вистинска репрезентација, иако ќе повторам нема волшебно стапче за тоа веднаш да се случи во првите мечеви“, додаде Полунин.
Украина денеска попладне ќе допатува од Бремен во Скопје откако утринава ќе има тренинг и по ручекот заминува со чартер, а во четврток од 18 часот е закажан официјалниот тренинг на Арената „Тодор Проески“ како последна подготовка пред мечот во петок од 20.45 часот. Украинците ќе бидат сместени во хотелот „Александар Палас“.