Шпанскиот крилен напаѓач, тинејџерот од Барса Ламин Јамал, иако наскоро ќе наполни 17 години, со својот фудбалски талент ја воодушевува планетата на актуелното Европско првенство во Германија.
Тој е многу важен дел од шпанската репрезентација која синоќа со победата над Грузија од 4-1 стигна до четврт-финалето, а по дуелот Јамал новинарите го споредија со славниот аргентинец Лионел Меси.
„Тој е најдобриот играч во историјата и фактот што нѐ споредуваат е неверојатен, но тоа не е на место. Никој не може да се споредува со него, а јас штотуку започнав. Се надевам дека ќе постигнам само половина од работите од неговата кариера“, изјави скромниот фудбалер на Барселона.
Сè уште се чека на голот на Јамал на ЕП, кој би го направил најмладиот стрелец во историјата на европските првенства. Засега може да се пофали со две асистенции на четири меча.
Шпанија во петок од 18 часот ќе игра против Германија во Штутгарт, што ќе биде големо четвртфинално дерби.