Во таа сезона поради лажирање на натпревари во претходната 1985/86, десет тимови во првенството почнаа со минус 6 бодови по одлуката на Фудбалскиот соју,з која потоа беше повлечена и по судски пат титулата му беше доделена на Партизан.
Како признание за освоената титула, Вардар беше потврден како шампион од страна на УЕФА и се натпреваруваше во тогашниот Куп на европските шампиони. Вардар во првото коло играше против тогашниот европски шампион Порто и двата натпревари ги загуби со идентични 3:0.
За екипата на Вардар таа сезона настапуваа: Тони Савевски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Дарко Панчев, Васил Рингов, Вујадин Станојковиќ, Љупчо Марковски, Јовче Џипунов, Бобан Бабунски, Чедомир Јаневски, Момчило Грошев, Милко Симовски, Љупчо Лазаров, Венцислав Симоновски, Мирко Петров, Благоја Тодоровски, Никола Аврамовски, Зоран Трајчевски, Горан Стојановиќ, Николче Филипов, Тони Атанасовски и Јовко Бизимовски.
Најдобар стрелец беше Дарко Панчев со постигнати 18 гола, додека Тони Савевски беше најстандарден со 33 настапи во црвено-црниот дрес.