Младата репрезентација на Македонија и седми натпревар по ред, цели девет месеци, не успева да победи во тест-меч како подготовка за септемврискиот старт на новиот евроквалификациски циклус, па денеска на теренот „Петар Милошевски“ ремизира со Ерменија (1-1), петто реми во оваа серија без победа.
Иако фудбалерите најавуваа, дека ќе играат важна улога во новиот циклус за Еуро 2025, а селекторот Драги Канатларовски е убеден дека чекорат по вистинскиот пат и дека оваа генерација има потенцијал, резултатски во оваа подготовка не прикажуваат премногу најталентираните македонски фудбалери.
Освен триумф во пенал-рулет во март во Анталија против Финска, Македонија нема победа од 23 септември лани кога на турнир во Хрватска победивме со 3-1 и во тој период од стартот на изградбата на оваа генерација врзавме три победи по ред (две со БиХ) и потоа – ниту една победа.
Македонија против Ерменија одигра добро прво полувреме, преку Луан Абази поведе во 30-та минута по асистенција на Максим Максимов, а потоа имавме среќа пет минути пред крајот кога Ерменците од три метри погодија пречка, но Николас Калукјан израмни осум минути во вториот дел од првата шанса (53-та минута), за потоа противникот да ја преземе иницијативата.
Ване Крстевски и Рамадани имаа две можности за гол, првиот скоро од мртов агол сакаше да погоди, а вториот по корнер шутираше над голот.
Ова реми е трето во седмиот дуел на надежните селекции на Македонија и Ерменија, во кои немаме пораз. Следен меч е последниот тест пред септемврискиот старт на квалификациите со Малта за пет дена, исто така во Скопје од 17 часот.
Ремито е најреален исход, но Цапар мора многу повеќе да ги засука ракавите за да изнајде оптимален тим кој нема да игра споредна улога во квалификациите, без изнаоѓање најразлични изговори и многу помалку расфрлање со изјави дека одиме по пласман на континенталниот шампионат.