Фудбалерите на Македонија водеа со 2-0 на полувремето, но на крајот загубија од Украина со 2-3 во вториот меч од квалификациите за ЕВРО 2024 на арената „Тодор Проески“.
Експлозија од емоции имаше по првите 45 минути, кога Енис Барди донесе водство реализирајќи пенал во 31.минута, а потоа Елиф Елмас постигна спектакуларен гол од далечина за 2-0 во 39.минута за ерупција на стадионот.
Но, во второто полувреме Македонија како да престана да игра. Се повлековме, Украинците ја преземаа иницијативата и за шест минути успеаја да израмнат. Во 62.минута Илиа Забарниј со удар со глава намали на 2-1, а Јуким Конопља израмни само шест минути подоцна.
Стоперот Висар Муслиу заработи црвен картон во 73.минута, а тоа Украина го искористи и да стигне до триумф. Виктор Циганков во 83.минута постигна победнички гол со глава , а двете асистенции за пресврт беа дело на Михаило Мудрик, ѕвездата на Челси.
Македонија в понеделник ќе гостува на „Олд Трафорд“ и ќе ги одмери силите со најголемиот фаворит во групата, селекцијата на Англија.