Франција ја продолжува одбраната на светската титула во полуфинален судир против најпријатното изненадување на СП, селекцијата на Мароко. „Галските петлиња“ се на чекор од нов пласман во мундијалско финале, а цел е да станат само трета селекција по Италија и Бразил што ја одбранила титулата.
Откако Мароко испиша историја како прва африканска селекција што стигнала до полуфинале на Светско првенство, „лавовите“ сега ќе се обидат, со помош на своите фанатични навивачи, да стигнат и до финалето. За тоа ќе треба да го елиминираат актуелниот светски првак.
Франција се пласира во полуфиналето после победата над Англија со 2-1.
Тимот на Дидие Дешамп покажа исклучителна ефикасност на овој натпревар, на кој поведе со голот на Аурелиен Чуамени. По тој гол, Англија доминираше во поголемиот дел од играта и Хари Кејн израмни од пенал, но Оливие Жиру повторно обезбеди предност за Франција. Светските прваци имаа и среќа, со оглед дека Хари Кејн до крајот не реализира пенал за ново израмнување.
Франција би можела да стане првиот европски тим од 1984 година кој ќе се квалификува во финалето како актуелен носител на трофејот. Досега, само Италијанците го направија ова во 1934 и 1938 година.
Франција на турнирот во Катар досега има примено гол на секој свој натпревар. Мароко е тотална спротивност во овој поглед.
Мароко веќе елиминира три европски селекции во Катар, Белгија, Шпанија и Португалија. Против Хрватите избраниците на Валид Реграги ремизираа без голови.
Мароко, меѓутоа, досега нема победа над Франција во досегашните пет меѓусебни дуели.
Во четвртфиналето со Португалија (1-0), напаѓачот на Севилја, Јусеф Ен-Несири, го постигна победничкиот гол во 42. минута.